Јанкулоска: политичарите да не манипулираат малолетници

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска го осуди обвинувањето од политичарите кои тврделе, како што рече, дека инцидентите во градските автобуси се монтирани за креирање криза во државата.
Одговарајќи на новинарско прашање по денешната тркалезната маса „Како до помалку сообраќајни незгоди со фатални последици“, Јанкулоска порача политичките поени да не се собираат со злоупотреба на малолетните лица.
- МВР ќе продолжи сериозно да се однесува кон оваа тема. Да ја оставиме настрана политиката, бидејќи имаме проблем што треба да се решава. Во функција на решавање на тој проблем ги мобилизираме сите сили кои ни стојат на располагање и во смисла на расчистување на досегашните инциденти на кои интензивно се работи, меѓутоа и во функција на превенирање на евентуални идни инциденти. Јанкулоска повтори дека интензивно се работи на расчистување на сите инциденти, додавајќи оти во врска со ова прашање вчера имала средба со претставници од општината Гази Баба.