Обама - Конгресот да не брза со нови санкции против Иран

Американскиот претседател Барак Обама и иранскиот претседател Хасан Рохани.

Американскиот претседател Барак Обама го повика Конгресот да не брза со предложените нови санкции против Иран додека траат преговорите за контроверзната иранска нуклеарна програма. На прес конференција во Белата куќа, Обама вчера рече дека преговорите се најдобар начин да се осигура дека Техеран не се обидува да произведе атомско оружје. Тој рече дека ако Иран не ги исполни ветувањата, санкциите може да се засилат. Администрацијата на Обама бара повеќе време да се обиде да постигне договор со Иран кој ќе спречи Техеран да произведе атомско оружје. Високи членови на Сенатот, како и американскиот сојузник Израел, веруваат дека предложениот договор прерано ги олеснува санкциите и наместо тоа бараат засилување на санкциите за да се изврши притисок врз Техеран. Нова рунда разговори меѓу Иран и светските сили е закажана за наредната недела.