Крај на програмата „Мегатони за мегавати“

Програмата за претворање на високо збогатениот ураниум од демонтираното руско нуклеарно оружје во гориво за американските нуклеарни електро централи, што траеше 20 години, заврши вчера со последната испорака на ураниум од Санкт Петерсбург за Балтимор. Договорот, познат како „Мегатони за мегавати“, беше потпишан во 1993 година, кратко по распадот на Советскиот Сојуз, во услови на огромни залихи од нуклеарно оружје и загриженост дека ураниумот може да падне во погрешни раце. Според договорот, 500 метрички тони високо збогатен ураниум, што е еквивалент на околу 20 илјади нуклеарни боеви глави, беа претворени во гориво за американските нуклеарни реактори. Во поголемиот дел од изминативе две децении, тоа гориво генерираше скоро половина од комерцијалната нуклеарна енергија произведена во САД или 10 отсто од целокупната американска струја.