ЕУ ја продолжи мисијата за следење на судбината на Тимошенко

Мисијата на ЕУ која ја следи судбината на затворената поранешна премиерка на Украина Јулија Тимошенко е продолжена до Самитот на Унијата за Источно партнерство, што ќе биде одржан на 28 и 29 ноември во Вилнус, Литванија. Европскиот парламент вчера реши да ја продолжи мисијата предводена од поранешниот полски претседател Александар Квашњевски и екс-претседателот на Европарламентот Пат Кокс, откако во украинскиот парламент претходно вчера не беше постигната согласност за закон кој ќе и овозможи на Тимошенко да оди во Германија на медицински третман.
Парламентот за ова прашање повторно ќе расправа во вторник, а двајцата европски претставници веруваат дека шансите за донесување на законот се 50:50. Пуштањето на Тимошенко да се лекува во странство се смета како предуслов за ЕУ да потпише договор за асоцијација со Украина на Самитот во Вилнус.