Нови борби во либискиот главен град Триполи

Премиерот на Либија Али Зејдан

Жестоки борби имало синоќа во Триполи, што е за втор пат во изминатава недела. Новинските агенции известуваат дека вооружена група од централниот град Мисрата влегла во Триполи за да се одмазди за убиството на еден од нејзините членови што се случи во вторникот. Во борбите најмалку едно лице загинало, додека десетина други биле ранети. Две години од падот на Моамер ел Гадафи, милитантните групи кои помогнаа за неговото соборување од власт сега држат голем дел од северниот дел на земјата и постојано се пресметуваат меѓу себе. Премиерот Али Зејдан се обидува да ги вклучи во војската и полицијата.