Кери во обид за потикнување на израелско-палестинските преговори

Американскиот државен секретар Џон Кери е во Аман каде што ги продолжува напорите за подобрување на израелско-палестинските мировни разговори. Предвидено е Кери да се сретне со кралот Абдула, како и со претседателот на палестинските власти Махмуд Абас. Вчера Кери се сретна со Абас во Витлеем, каде што го повика Израел да го ограничи градењето на станбени населби, нарекувајќи ги таквите изградби "нелегитимни".
Аналитичарите велат дека тензиите во текот на разговорите се зголемија кога Израел ослободи 26 палестински затвореници, за сметка на 3.500 нови домови за еврејските доселеници во окупираниот Западен Брег и во Источен Ерусалим. Претходно во Ерусалим, Кери се сретна со премиерот Бенјамин Нетанјаху и ги повика израелскиот лидер и Абас да направат вистински компромиси и тешки одлуки.