ЗНМ ги замолува странските дипломати да го посетат Кежаровски

Здружението на новинарите на Македонија испрати писмо до сите дипломатски претставништва во Скопје, во кое изразува загриженост за случајот на новинарот Томислав Кежаровски, осуден на 4 и пол години затвор за наводно откривање на заштитен сведок.
Во писмото ЗНМ ги замолува странските дипломати во Скопје да ја искористат можноста дадена според македонските закони да го посетат новинарот Кежаровски во затвор со цел да се запознаат со условите во кои тој е сместен. Освен тоа, посетата на Кежаровски ќе им овозможи од прва рака да се запознаат со неговиот случај, се вели во писмото.
„Вашиот интерес да го посетите новинарот Кежаровски ќе ги поттикне властите да ги подобрат условите за престој на притворениците во затворот. Освен тоа, сметаме дека вашата информираност од прва рака ќе придонесе овој случај да се реши на позитивен начин“, се наведува во писмото на ЗНМ.
Според ЗНМ, ангажманот на дипломатите ќе ја зголеми одговорноста на властите да имаат поголемо разбирање за важната улога на медиумите во едно демократско општество.