Ховит: повеќе членки на ЕУ не се убедени за почеток на преговорите

Прогрес во имплементацијата на препораките од Анкетната комисија, напредок во постигнување договор со Бугарија и видлив напредок во слободата на изразување, се трите области на кои Македонија треба да работи во периодот до декемврискиот самит на ЕУ за да ги убеди земјите членки да определат датум за преговори или да направат суштински чекор во тој правец. Ова го изјави известувачот за Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит на денешната прес-конференцијата во Скопје. Тој подвлече дека повеќе членки на ЕУ, а не само двете соседни земји, треба да бидат убедени дека Македонија доволно ги исполнува критериумите за почеток на преговорите. На новинарско прашање одговори дека нема да ги именува поединечно кои се тие членки на Унијата. Ховит, осврнувајќи се врз случајот со новинарот Томислав Кежаровски изјави: „Загрижен сум за овој и други случаи во однос на траењето на притворот и условите во кој се издржува бидејќи осомничените мора да се сметаат за невини додека не се докаже поинаку“. Според него, ваквите случаи можат да влијаат за создавање страв меѓу новинарите и за самоцензура.