Договорена нова средба за иранската нуклеарна програма

Претставниците на Меѓународната агенција за атомска енергија и на Иран соопштија дека се договориле да одржат нова средба, на 11-ти ноември во Техеран. По дводневните разговори во Виена за иранската нуклеарна програма, кои завршија денеска, претставник на агенцијата изјави дека Иран бил конструктивен во насока на зајакнување на соработката и дијалогот. Иранскиот преговарач, Реза Наџаф пак изјави дека предлогот на Техеран отвора нова ера во меѓусебната соработка. За наредната недела во Женева е предвидена средба и меѓу претставници на големите сили и на Иран.