Продолжуваат преговорите за иранската нуклеарна програма

Јукија Амано

Денеска продолжуваат разговорите со цел олеснување на загриженоста околу нуклеарната програма на Иран. Иранскиот заменик-министер за надворешни работи Абас Арачи и шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Јукија Амано, ќе се состанат во Виена. Арачи изјави дека тој и Амано имале "многу корисни" дискусии вчера. Агенцијата за атомска енергија бара пристап до иранските објекти, документи и официјални лица како дел од истрагата за наводните истражувања за нуклеарни оружја од страна на Иран. Но иранската влада негира дека има таква активност.
Иранскиот претседател Хасан Рохани, кој ја презеде функцијата во август, вети дека ќе соработува со Западот. Амано ги повика двете страни, ОН и иранските преговарачи да направат конкретен напредок за нуклеарното прашање во разговорите неделава. Средбите доаѓаат во пресрет на следната рунда меѓународни преговори меѓу Иран и шестте светски сили закажана за седми и осми ноември во Женева.