Средба Ховит - Попоски

Актуелните односи меѓу Република Македонија и Европската унија и перспективите за отпочнување на преговорите за членство во Европската унија, беа теми на денешната средба на министерот за надворешни работи Никола Попоски со известувачот за Република Македонија во Европарламентот Ричард Ховит, кој престојува во работна посета на земјата.
Како што соопшти МНР, Попоски изразил благодарност за поддршката и конструктивниот пристап на Европскиот парламент и личниот ангажман на европратеникот Ховит во процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, артикулирани преку пораките содржани во неколкуте последователни резолуции за Република Македонија. При тоа, шефот на дипломатијата ја реафирмирал клучната цел на Република Македонија - отпочнување на пристапните преговори со Унијата, без натамошно одлагање.

Ховит, пак, позитивно го оцени напредокот на Македонија во исполнувањето на европските стандарди и препорача земјата да продолжи со реформите во сите области, во насока на надминување на предизвиците со кои се соочува на патот на евроинтеграците. Тој истакна дека отпочнувањето на пристапните преговори ќе има позитивни ефекти за македонските граѓани и ќе влијае врз кредибилитетот на процесот на проширување на ЕУ.
Посетата на европратеникот Ховит е со цел да се согледа напредокот во европскиот интегративен процес на Република Македонија, во пресрет на подготовките на наредната резолуција на Европскиот парламент за земјата, која вообичаено се усвојува по објавувањето на есенскиот Извештај на Европската комисија.