Жена самоубиец уби шестмина во автобус во Волгоград

Руски официјални лица соопштија дека осомничената бомбашка самоубиец ја активирала експлозивната направа во патнички автобус во јужниот град Волгоград, при што загинаа најмалку шестмина, а повеќе од 30 луѓе се повредени, некои сериозно. Портпаролот на руската Истражна комисија Владимир Маркин изјави дека напаѓачката е сопруга на познат исламски милитант за кој се верува дека се наоѓа во Дагестан. За вчерашниот случај веќе се поднесени обвиненија за вмешаност во тероризам.
Во истрагата се најдени парчиња од експлозивната направа, но ќе треба време да се определи колку и каков експлозивен материјал е искористен во бомбата.
Според официјални лица, во моментот на експлозијата во автобусот имало околу 40 луѓе.