Фич разгледува намалување на кредитниот рејтинг на САД

Меѓународната рејтинг агенција Фич го стави на разгледување за намалување врвниот кредитен рејтинг на американската влада, со приближувањето на крајниот рок за продолжување на американскиот лимит на задолжување. Потегот на Фич доаѓа по денот на преговори во Конгресот, по што Републиканците и Демократите останаа со дијаметрално спротивни ставови за договор за финансирање на владата и за подигнување на лимитот за задолжување на 16, 7 билиони долари.
Портпарол на министерството за финансии изјави дека одлуката на Фич е потсетување за американските законодавци дека САД се опасно блиску до неможност за извршување на своите обврски.
Министерството веќе соопшти дека на 17 октомври или околу овој датум, САД веќе нема да имаат пари за плаќање на своите сметки.