Власта да истражува финансиски криминал, а не да го блокира Центар.

СДСМ апелира судот да ја укине мерката притвор за Мирослав Шиповиќ и неговите соработници и да им дозволи да се бранат од слобода, изјави денеска претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев.
Само така, нагласи, власта ќе покаже дека целта е истрага за финансиски криминал, а не блокада на работењето на Општина Центар.
Во случајот „Шиповиќ“, според Заев, судот нема аргументи за изрекување мерка притвор. - Мирослав Шиповиќ нема намера да избега од земјава. Напротив, тој го прекина својот престој во САД и порано од предвиденото се враќа во Македонија и е подготвен да ја докаже својата невиност. Шиповиќ не може да го повтори делото. Што и да се случувало, завршило пред повеќе години. Ниту може да влијае на сведоците, рече Заев.
Според него, Мирослав Шиповиќ, претседателот на општинската организација на СДСМ и претседавач на советот на Општина Центар во случајот „Машинопромет“ и да сакал, не можел да учествува во евентуални финансиски малверзации. Клучните дејствија, посочи, се случиле пред неговото доаѓање во фирмата.