Десетици жртви во судирите во Египет

Најмалку 50 луѓе загинаа во Египет, а неколку стотини се повредени во судирите меѓу безбедносните сили и поддржувачите на соборениот исламистички претседател Мохамед Морси. Најголемиот дел од жртвите се во Каиро. Судири избиле во неколку населби во Каиро и во неколку други градови, за време на одбележувањето на 40-годишнината од арапско-израелската војна. Полицијата во Каиро употребила солзавец и пукала во воздух за да ги растера поддржувачите на Морси кои се приближиле до плоштадот Тахрир, каде што биле собрани неколку илјади приврзаници на армијата. Министерството за внатрешни работи соопшти дека полицијата уапсила 423 поддржувачи на Морси ширум земјата. Стотици исламистички демонстранти загинаа во насилствата, откако египетската армија го собори претседателот Морси во јули годинава. Во петокот во Каиро беа убиени четворица приврзаници на Морси во судири со безбедносните сили.