Активисти на Гринпис прекинаа фудбалски натпревар во Базел

Мразокршачот „Арктик санрајс“

Активисти кои ја поддржуваат групата за заштита на околината Гринпис предизвикаа краток прекин на синоќешниот натпревар од Лигата на шампиони во фудбал меѓу Базел и Шалке, во знак на протест против рускиот енергетски гигант Газпром, спонзор на ова натпреварување. Четворица активисти се симнале со јажиња од покривот на стадионот и истакнале транспарент на кој пишувало „Газпром, не го фаулирај Арктик“. Тие потоа со јажињата се вратиле на покривот. Прекинот на натпреварот траел околу 5 минути.
Околу 30 членови на Гринпис кои се наоѓаа на мразокршачот „Арктик санрајс“ неодамна беа уапсени од руските власти, откако неколку активисти се обиделе да се качат на платформа за дупчење на Газпром во водите на Арктик. Руските власти се заканија дека ќе ги обвинат активистите за пиратство.