Власта и опозицијата се обвинуваат за непотизам

ВМРО-ДПМНЕ денеска презентираше нови факти за, како што велат од партијата, системот на Зоран Заев за лично и семејно богатење.
“Во тендерскиот скандал вклучени се многу високи функционери од СДСМ. Зоран Заев освен на татко му, чичко му, братучедите, стрина му и снаа му, јавни набавки доделувал и на фирмата на сопругот на пратеничката од СДСМ Цветанка Иванова и тоа во многу наврати. Општина Струмица на 26.10.2010 година склучува договор за јавна набавка со фирмата Дикор ЦД ДООЕЛ Струмица во сопственост на Димчо Иванов, сопругот на пратеничката од СДСМ, Цветанка Иванова.
Зоран Заев на сопругот на пратеничката од СДСМ Цветанка Иванова му исплатил 3.555.663 денари само по овој основ,” истакна Спиро Ристовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ пак денеска ги обвинија ВМРО-ДПМНЕ за класичен скандал за непотизам, презентирајќи факти кои покажуваат дека поранешната директорка на ОУ “Христијан Тодоровски Карпош“ од општина Ранковце, Слаѓана Николовска во училиштето си ги вработила двајцата браќа, снаата и сопругот.