Становите на Јанкуловска и тендерите на Заев

Петре Шилегов и Роберт Поповски, очигледно добиле тешка задача, а тоа е да смислат начин како да ја дефокусираат јавноста од прашањата поврзани со јавните набавки во Струмица, стои во реакцијата од ВМРО - ДПМНЕ на денешната прес - конференција на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
Немајќи што да одговорат и како да објаснат дека скоро цела фамилија на Зоран Заев добивала тендери во Општина Струмица тие очигледно се трудат со измислици и лаги за министерката Гордана Јанкулоска да ја натераат македонската јавност да го заборави скандалот на кланот Заеви, стои во реакцијата.

Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов изјави дека случајот станови на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска се претворил во скандал откако таа самата објавила документи за нејзината имотна состојба.
Според покажаните документи, посочи тој, Јанкулоска подигнала кредит од Шпаркасе банка во вредност од 90 илјади евра на 5 јануари 2012 година.
Денес, нецели две години оттогаш, од кредитот, за отплата се останати уште само 15 илјади евра. За година и 9 месеци сте вратиле 75 илјади евра?! Со две административни плати?!, рече Шилегов.,Портпаролот на СДСМ праша како Јанкулоска успеала да враќа по 3.500 евра месечно и дали премиерот Никола Груевски знаел за тоа.