Јанкулоска: „Диригент“ голем удар врз нарко мафијата

„Операцијата „Диригент“ е голем удар врз нарко мафијата што претставува добар пример за сите во регионот, но и во Европа како треба ефикасно да се бориме против сериозниот меѓународен криминал“, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на денешната прес конференција. Според неа, заедно со последното продолжениe на операцијата во изминатите четири години и е нанесен сериозен удар на таканаречената „Франкфурт мафија“, за која се претпоставува дека повеќе од 10 години е инволвирана во меѓународен криминал. „Во сите досегашни акции во земјава и надвор поради поврзаност со оваа група, приведени се околу 500 лица. Од нив 460 се приведени на територијата на Германија, Австрија и Холандија. Во Македонија од 2009 година наваму приведени се 70 лица, запленети се преку 220 килограми хероин, четири килограми кокаин и неколку килограми марихуана. Документирани се и трансфери на пари тешки неколку милиони евра, десетици илјади евра се запленети, како и голем движен и недвижен имот“, потенцира Јанкулоска.