Грчки медиуми: меѓу Атина и Скопје се уште суштински разлики

Сите грчки медиуми јавуваат за средбите на медијаторот Метју Нимиц со македонскиот државен врв и во своите наслови главно ја извлекуваат изјавата на Нимиц дека меѓу Атина и Скопје се уште постојат суштински и сериозни разлики, јави МИА од Атина.
"Метју Нимиц вообичаено многу внимателно ги избира зборовите кога дава јавни изјави. Избегнува да зборува за предлозите и идеите што ги дал и прибегнува кон поедноставени одговори за позициите на двете страни и неговите следни чекори. Но специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН ја напушти оваа практика за време на прес-конференцијата во Скопје по средбата со премиерот Никола Груевски".
Нимиц појасни дека Атина и Скопје, во оваа фаза, имаат дијаметрално спротивни ставови и за позицијата на географската одредница и за опсегот на употреба, пишува „То Вима“.
Провлединиот „Катимерини“ својот извештај го наслови „Залудна посета на Нимиц на Атина и Скопје“. Весникот без коментар пренесува само информации за средбите на Нимиц во Скопје нагласувајќи дека медијаторот при посетата на Атина и Скопје утврдил оти меѓу Грција и Македонија нема договор во врска со неговиот последен предлог за прашањето за името.