Средба Иванов-Нимиц

Македонија е подготвена на средби на највисоко ниво и интензивирање на дијалогот со Грција за разликата околу името, посочил денеска претседателот Ѓорге Иванов на средбата со медијаторот на ОН во спорот за името Метју Нимиц. Иванов во разговорите истакнал оти очекува грчката страна да покаже добра волја за создавање позитивна атмосфера и надминување на разликата околу името.
Шефот на државата, според соопштението од неговиот Кабинет, ја реафирмирал македонската државна позиција и посветеноста за изнаоѓање заеднички прифатливо решение за разликата околу името.
Како што се наведува, на средбата била разгледана актуелната состојба на процесот кој се води под покровителство на ОН и биле разменети информации и мислења поврзани со идеите и размислувањата на специјалниот пратеник Нимиц, како и со исходот од неговата посета на Атина.
Медијаторот во спорот за името утре има средба со министерот за надворешни работи Никола Поповски, а се очекува да се сретне и со премиерот Никола Груевски.