Завршува дводневниот самит на Г-20

Денеска во Санкт Петерсбург завршува дводневниот самит на групата 20 развиени и земји во развој. Економските прашања се во сенка на кризата во Сирија на состанокот во северна Русија. Собирот се одржува во време на зголемени тензии меѓу американскиот претседател Барак Обама, кој повикува на воена акција против Дамаск поради наводен хемиски напад, и рускиот претседател Владимир Путин, најгласниот критичар на таквите планови.
Кина, ЕУ и папата Франческо во вчерашните обраќања беа против воена акција во Сирија.
Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун и специјалниот претставник Лахдар Брахими се во Санкт Петерсбург, во надеж дека ќе издејствуваат согласност за одржување меѓународна мировна конференција за Сирија.
Од економските прашања, извештаите велат дека на самитот најверојатно ќе бидат постигнати неколку договори, меѓу кои и за мерките за борба против даночното затајување од страна на мултинационалните компании.