Белата куќа го поздрави гласањето на комитетот на Сенатот

Белата куќа го поздрави гласањето на комитетот за надворешни работи на Сенатот кој даде поддршка на претседателот Барак Обама за воен напад во Сирија. Портпаролот на Белата куќа Џеј Карни изјави дека оваа мерка која ја поддржа комитетот, значи поддршка на националните безбедносни интереси на САД, а истовремено ќе овозможи уништување на способноста за хемиски напади на сирискиот претседател Башар Ал-Асад. Со резолуцијата се поддржува употребата на сила како одговор на нападот со хемиско оружје за кој Вашингтон ја обвинува владата на Асад. Мерката утврдува максимум 90 дена за било каква акција и забранува употреба на копнените сили.
До гласањето дојде откако Обама изјави дека кредибилитетот на меѓународната заедница е доведен во прашање, доколку не го казнат Дамаск за користење на хемиско оружје.