Груевски разговараше со првиот човек на Газпром

Алексеј Милер

Рускиот енергетски гигант „Газпром“ е заинтересиран за соработка со Македонија и таа е влезена во развојните планови на компанијата. Покрај постоечките планови и проекти „Газпром“ пројавува интерес во иднина да ја разгледа можноста и за други инвестиции во Македонија.
Тоа го истакнал претседателот на „Газпром“ Алексеј Милер на денешната средба со македонскиот премиер Никола Груевски, соопшти владината прес-служба.
Груевски и Милер разговарале за натамошната реализација на проектот Јужен тек и конкретните чекори за негова операционализација. Нагласиле дека по ратификацијата на потпишаниот договор за вклучување на Република Македонија во Јужен тек ќе се премине кон формирање мешовито претпријатие помеѓу двете страни согласно договорот коешто ќе ги спроведе натамошните чекори во реализација на плановите и проектот.
Груевски го информирал Милер дека во скоро време се очекува да се склучи договор со руската компанија „Стројтрансгас“ по што би се започнало со изградба на инфраструктурата за природен гас во внатрешноста на земјата и со што ќе се овозможи пристап до гас на многу компании и домаќинства во Република Македонија.