Обама пристигна во Шведска - средби со нордиските лидери

Arhiva

Американскиот претседател Барак Обама денеска пристигна во Шведска, во пресрет на самитот Г-20 кој започнува утре во Русија. Обама, покрај со своите домаќини, ќе се состане и со лидерите на другите нордиски држави.
Белата куќа набрзина ја додаде посетата на Шведска во распоредот на Обама, откако претседателот на САД ги отфрли плановите да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Москва во пресрет на самитот.
Откажувањето на средбата уследи како одговор на руската одлука да му додели привремен азил на Едвард Сноуден, поранешен соработник на американската национална агенција за безбедност, обвинет за издавање на тајни документи.
Во Стокхолм, Обама ќе му оддаде почит на шведскиот дипломат Раул Валенберг, кој за време на Втората светска војна спасил најмалку 20.000 Евреи.