Франција - Дамаск стои зад хемискиот напад

Сирија.

Француски разузнавачки извештај покажува дека силите лојални на сирискиот претседател Башар ал-Асад извршиле масовен хемиски напад. Извештајот од девет страници им беше претставен вчера на француските пратеници. Според објавените видеа, во извештајот се заклучува дека најмалку 281 жртви може да се поврзат со нападот од 21 август во близина на Дамаск. Во извештајот се наведува дека околу 1.500 убиени изгледале како врз нив да е користено хемиско оружје. Париз и Вашингтон се залагаат за воена интервенција во Сирија. Сепак, американскиот сенатор Џон Мекејн изјави дека Белата куќа и претседателот Барак Обама мора да изградат силен случај за напад на Сирија, ако сакаат поддршка од Конгресот за таа операција. Тој исто така рече дека гласањето против предлогот на Обама за напад врз Сирија во Конгресот би било катастрофално. Асад, пак, негира дека стои зад спорниот напад. Во вчерашното интервју за францускиот весник Ла Фигаро, тој вели дека би било нелогично власта да го извршила нападот. Асад предупреди дека странска воена акција може да предизвика „регионална војна“. Тој исто така рече дека Франција ќе се соочи со последици ако учествува во воената акција.