Груевски - интензивно се работи во Ад хок Комисијата 24/12

Премиерот Никола Груевски денеска изјави дека не сака да дава никакви заклучоци за да не прејудицира за крајното решение во врска со работата на ад хок Комисијата за настаните од 24 декември.
Груевски потенцира дека членовите на Комисијата интензивно работат, а тој постојано е во контакт со преговарачкиот тим од ВМРО-ДПМНЕ.
- „Во однос на Комисијата за расветлување на настаните од 24. декември од минатата година, можам да кажам дека во текот на вчерашниот ден, а и денеска, има интензивни разговори. Денеска е денот кога се надеваме дека ќе дојде до договор. Разговорите се во тек, се одвиваат мошне интензивно и јас сум на линија со нашиот преговарачки тим на секој половина час во текот на овој ден. Не би сакал ништо да прејудицирам и не би сакал да дадам некоја поспецифична изјава, бидејќи може да се случи да наштети на преговорите затоа што денеска е клучниот завршен ден. Се работи за сериозен влог за државата и мораме да бидеме многу внимателни. Сепак, како и да е, сите опции се отворени и што и да се случи за нас сите опции се отворени, изјави премиерот Груевски по отворањето на Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) „Штип”. Во Клубот на пратеници во Скопје по неколкучасовното заседавање членовите на Комисијата имаат пауза, а се очекува седницата да продолжи околу 18 часот.
Претседателот во оставка на Комисијата за расветлување на настаните од 24. декември, професорот Борче Давитковски, утрово информира дека се усогласуваат ставовите околу две прашања.