Најавени нови протести во Египет, СБ на ОН повикува на воздржaност

Муслиманското братство во Египет, чии кампови беа насилно растурени од владините сили во средата, за денеска повика на протести со кои се бара враќање на соборениот претседател Мохамед Морси.

Советот за безбедност на ОН синоќа ги повика Египќаните на максимална воздржаност по насилствата во кои загинаа повеќе од 620 луѓе, пред сè цивили. Изјавата ја пренесе амбасадорката на Аргентина во ОН, Марија Кристина Перцевал, актуелен претседавач со Советот за безбедност, по итната седница што вчера ја одржа ова тело. Перцевал соопшти дека 15-те земји членки на Советот повикуваат на национално помирување.

Во меѓувреме, египетското привремено претседателство испрати соопштение во кое се отфрлаат меѓународните критики, меѓу кои и онаа на американскиот претседател Барак Обама, за задушувањето на протестите од страна на владините сили. Во соопштението се наведува дека критиките не се базирани на факти и оти може да ги охрабрат активностите на „насилните вооружени групи“.