Ирак се соочува со сериозна закана од дестабилизација

Вчера во Вашингтон се сретнаа американскиот државен секретар Џон Кери и ирачкиот министер за надворешни работи Хошјар Зебари.

Високи ирачки и американски дипломати признаа дека Ирак се соочува со сериозна закана од дестабилизација од шиитските и од сунитските екстремисти, вклучувајќи ја и Ал Каеда. Вчера во Вашингтон се сретнаа американскиот државен секретар Џон Кери и ирачкиот министер за надворешни работи Хошјар Зебари. До средбата доаѓа откако во последниот бомбашки напад во Багдад загинаа повеќе од 30 луѓе. Оваа година во Ирак беа убиени повеќе од 3.000 луѓе, со што се зголемија стравувањата дека државата се враќа кон секташките насилства меѓу сунитското малцинство и шиитите кои се мнозинство. Кери и Зебари изјавија дека разговарале како да се спречи прелевањето на сириската граѓанска војна во Ирак и како да се спречи Иран да го користи ирачкиот воздушен простор за транспорт на оружје до сириските владини сили.