Прифатени 15 од предложените 18 кандидати за министри во Иран

Иранскиот претседател Хасан Рохани.

Иранскиот парламент одобри петнаесет од осумнаесетте предлози за министри на претседателот Хасан Рохани. Одобрувањето на министри е првиот клучен тест за Рохани. Спикерот на Парламентот Али Лариџани по гласањето изјави дека предложените министри за образование, за наука, истражување и технологија и за спорт не ја добиле потребната поддршка од пратениците. Гласањето се одвиваше на тој начин што се гласаше кандидат по кандидат, а не за кабинетот во целина.

Иранскиот претседател во меѓувреме го назначи Али Акбар Салехи за нов шеф на иранската нуклеарна програма. Салехи има големо искуство во оваа област. Тој порано беше шеф на Иранската организација за атомска енергија и пратеник на Техеран во Меѓународната агенција за атомска енергија. Салехи, кој беше министер за надворешни работи за време на претходниот претседател Махмуд Ахмадинеџад, се смета за нуклеарен експерт и умерен политичар.