Белата куќа за посетата на Самарас на САД

Грчкиот премиер Андонис Самарас синоќа замина во тридневна посета на Соединетите држави, во чии рамки в четврток ќе се сретне со претседателот Барак Обама. Во неодмнешната најава на Белата куќа за престојот на Самарас се наведува: „Посетата ќе ја нагласи силата на американско грчки односи денес, поврзани преку трајни врски на сродство, заеднички интереси и НАТО алијансата и ќе ја потенцира постојаната американска поддршка на напорите на Грција да ја реформира нејзината економија“. Во соопштението се додава дека претседателот Обама со нетрпение очекува да разговара со премиерот Самарас за широк спектар на заеднички интереси и предизвици, вклучувајќи ги: одбранбената соработка, Трансатлантското трговско и инвестиционо партнерство, регионалната соработка, можностите за решавање на прашањето со Кипар и случувањата во Северна Африка и Сирија. По средбата со Обама, Самарас во Њујорк ќе се сретне и со генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун.