Грција ќе формира фирма за стопанисување со црковен имот

Во Грција ќе биде формирана компанија за стопанисување со имотот на Грчката православна црква, јави Радио Атина. Во формирањето на компанијата ќе учествуваат грчката држава и Атинската архиепископија, кои ќе бидат единствени акционери во неа. За таа цел, грчкото Министерство за финанси ќе треба да направи измени во законот за имотите што имаат добротворни цели. Акциите на новата компанија нема да можат да се префрлаат на трети лица, членовите на нејзиниот Управен одбор ќе ги именуваат министерствата за финансии и за образование и Атинската архиепископија. Во Грција има 123 имоти за кои ќе се грижи новоформираната компанија и тие главно се наоѓаат во реонот на областа Атика. Нивната вредност се проценува на 45 милиони евра.