Партиски препукувања за гасификацијата

СДСМ денеска побара од власта конкрентни информации за гасификацијата на земјата и изрази надеж дека овој проект навистина ќе се реализира.
Потпретседателот на партијата Дамјан Манчевски на прес конференција побара Владата да го објави Договорот потпишан со Руската Федерација, да даде информации согласно која Физибилити студија ќе се гради гасоводот, која е трасата по која ќе минува гасоводот низ Македонија и кои градови ќе бидат опфатени и кога се очекува целосно да биде гасифицирана Македонија.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагира на пресот на СДСМ за гасификацијата.

„Со договорот за „Јужен тек” Македонија влегува во најголемиот енергетски, воопшто економски проект во последните 23 години. Тоа е фактот, тоа е вистината која и причинува болка на СДСМ и се обидува да го осуети овој успех на Владата на ВМРО-ДПМНЕ со безуспешни и малициозни настапи во јавноста, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Во неа додаваат дека на повеќе наврати беше објавено дека гасификацијата на Република Македонија и влегувањето на земјата во проектот „Јужен тек” се два различни проекти, меѓутоа дека се заемно поврзани и условени.