Израел - Мировниот договор со Палестинците да оди на референдум

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Израелската влада усвои предлог-закон кој предвидува каков било мировен договор со Палестинците да биде ставен на референдум. Денешната одлука на владата доаѓа по обновувањето на мировните разговори кои треба да продолжат на 30 јули во Вашингтон. Израелската влада соопшти дека ќе побара парламентот да расправа за овој предлог-закон по брза постапка. Владата денеска треба да одлучува и за предлогот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за ослободување на 104 Палестинци и израелски Арапи од затвор, како знак на добра волја пред продолжувањето на преговорите. Имињата на затворениците што треба да бидат ослободени не се соопштуваат, но предлогот наиде на несогласување од конзервативците и од семејствата на жртвите од насилствата.