Новинарите возвраќаат на реакцијата на Кривичниот суд

од протестот за ослободување на Томислав Кежаровски

Зачудени сме што, наместо на јавноста и на граѓаните да им дадете објаснување зошто навистина новинарот Кежаровски толку долго е во притвор, вие се обидувате да ги дискредитирате и иницијативниот одбор и новинарската професија во целина, реагираат новинарските здруженија на соопштението на Кривичниот суд. Судот вчера соопшти дека протестите за ослободување на притворениот новинар се обид за нарушување на независноста на институцијата. Вашиот таканаречен притисок врз македонското судство деновиве не го прави иницијативниот одбор, туку ОБСЕ, делегацијата на ЕУ во Македонија, Меѓународната федерација на новинари, медиумските асоцијации од Европа, здруженијата на новинарите од регионот, ИФЕКС, „Репортери без граници“, Мрежата на медиумски организации на Југоисточна Европа и СЕМО, реагираат медиумските работници.