Бугарската полиција ги евакуираше пратениците и министрите

Бугарската полиција ги разби стотиците демонстранти кои блокираа повеќе од сто бугарски пратеници, министри, и новинари внатре во бугарскиот парламент повеќе од седум часа, барајќи оставка на владата. Полицијата ги евакуираше пратениците рано утрово, а екипите почнаа да ги расклопуваат импровизираните барикади кои демонстрантите ги подигнаа за да го пресечат пристапот до зградата на парламентот. Претходно, демонстрантите успеаја да го спречат обидот на полицијата да се евакуираат пратениците со автобус.
Демонстрантите извикуваа "мафија!", поднеси оставка! и " убијци ".
Најмалку осум од нив и двајца полицајци се повредени во судирите.
Вчера беше четириесетиот ден откако почнаа протестите во најсиромашната членка на Европската Унија. Демонстрантите велат дека владата предводена од социјалистите, избрана во мај е компромитирана и бараат сеопфатни реформи за искоренување на корупцијата и борбата против сиромаштијата.