Сноуден би можел да го напушти московскиот аеродром?

Вниманието денеска повторно е свртено кон аеродромот Шереметјево во Москва, по изјавата од страна на адвокатот Анатолиј Кучерена дека на поранешниот соработник на американските разузнавачки служби Едвард Сноуден би можело да му бидат доделени документи со кој му се дозволува да ја напушти транзитната област на аеродромот и да се пресели на други места во главниот град на Русија. Адвокатот Кучерена, кој му помогна на Сноуден да аплицира за привремен азил во Русија пред една недела, изјави дека на Сноуден може да му биде дадена документација што ќе дозволи да ја помине царината и да се движи слободно во Русија додека Сојузната служба за миграција го разгледува неговото барање за азил. Сноуден е во транзитната зона на аеродромот од 23 јуни. Претседателот Владимир Путин побара Сноуден да го запре протокот на американските разузнавачки тајни, ако тој сака да остане во Русија. САД побара тој да биде предаден и да се соочи со обвиненија за шпионажа и кражба.