Нови отпуштања во јавниот сектор во Грција

Протестен марш на општинските полицајци во Атина на 8 јули 2013.

Грчкиот парламент доцна синоќа со тенко мнозинство изгласа закон според кој треба да се отпуштаат вработени во јавниот сектор. Донесувањето на законот беше неопходно за користење на помошта од околу 7 милијарди евра од ЕУ и од ММФ. Додека пратениците расправаа за законот, илјадници луѓе протестираа пред парламентот. Законот предвидува прераспоредување и отпуштање на околу 25 илјади вработени во јавниот сектор, главно наставници и општински полицајци, што оваа недела предизвика речиси секојдневни маршови, протести и штрајкови. Законот беше донесен неколку часа пред во земјата да пристигне германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, кој е еден од главните поборници за мерките за штедење во Европа и кој според многумина Грци е виновен за нивните проблеми. Ова е прва посета на Шојбле на Атина од почетокот на должничката криза во 2009 година.