Денеска пресуда против рускиот опозиционер Навални

Рускиот опозиционер и анти-корупциски активист Алексеј Навални.

Рускиот суд утрово треба да ја соопшти пресудата во високо политизираниот процес против рускиот опозиционер Алексеј Навални. Руските власти го обвинуваат познатиот руски опозиционер и анти-корупциски активист за проневера на околу 510 илјади долари од компанијата за дрвена граѓа „Кировлес“ во 2009 година, кога бил советник на гувернерот на Областа Киров. Ако биде прогласен за виновен, Навални се соочува со затвор до шест години и казна од 30 илјади долари. Тој ги отфрла обвинувањата како политички мотивирани. Московската изборна комисија вчера ја потврди кандидатурата на Навални за градоначалник на Москва на септемвриските избори. Тој ќе може да учествува на изборите дури и доколку биде осуден, сè додека не се исцрпат сите можности за жалба и пресудата не стане правосилна.