СДСМ се распрашува за Рој, ВМРО - ДПМНЕ обвинува за бркање инвеститори

СДСМ смета дека во објавениот договор со Субрата Рој има повеќе дилеми. Портпаролот на партијата Петре Шилегов на денешната прес-конференција рече дека една од дилемите во договорот е кој е сопственикот на фирмата закупец, ако се има предвид дека тоа не е Сахара Груп туку лицето Сухбиндер Сингх Хеер кој е жител на Лондон и државјанин на Обединетото Кралство. СДСМ прашува кое е ова лице и каква е неговата врска со Субрата Рој или Сахара Груп. Според опозиционерите, Агро – комбинатот Џумајлија во периодот од 2008 до 2010 година на име субвенции добил 1.300.000 евра. „Доколку Субрата Рој, односно недефинираното правно лице – закупец, во наредните 3 години произведе исто колку што произведувал агро – комбинатот Џумајлија во тие 3 години, тогаш државата на име на субвенции е должна да му исплати на закупецот околу 430.000 евра годишно“ рече Шилегов.

СДСМ очајно се обидува да ги избрка инвесторите од Република Mакедонија, плашејќи се дека владата ќе добие поени кај граѓаните од нејзините активности за привлекување на инвестиции и зголемување на вработеноста во државата, реагира ВМРО-ДПМНЕ. „Фирмата која ќе го плаќа закупот ќе се докапитализира, или додека да почне да генерира приходи ќе ги исплаќа обврските од средства кои ќе ги добива од фирмата-мајка. За склучувањето на договорот, фирмата закупец има доставено банкарска гаранција во вредност од 3 милиони евра, со која државата се заштитува и доколку не се исполнуваат обврските од договорот, не само што ќе се наплати банкарската гаранција, туку и договорот за концесија ќе биде раскинат“ реагираат од владеачката партија.