Пахор во Скопје ќе го промовира ЕП во кошарка

Претседателот на Словенија Борут Пахор, кој од вчера се наоѓа во посета на Македонија, денеска заедно со својот домаќин, македонскиот претседател Ѓорге Иванов, ќе присуствува на коктел со претставници на словенечката заедница во Република Македонија, бизнисмени и претставници на Македонско-словенечки бизнис клуб. Во рамките на настанот, ќе биде извршена промоција на Европското првенство во кошарка, што во септември ќе се одржи во Словенија.

На вчерашната прес-конференција по средбата со Иванов, Пахор изјави дека Македонија треба да понуди конкретна иницијатива за прашањето со името која нема да ги остави рамнодушни претставниците од ЕУ и меѓународната заедница. Без оглед на чувствата во преговорите, истакна Пахор, треба да се биде практичен. Ова е многу битно, за паралелно да се решаваат членството на земјата во ЕУ и името. За кавга и соработка се секогаш потребни двајца.
Потребно е многу храброст водачите на двете страни да се одлучат за соработка, рече Пахор.
Според него, во процесот на проширување, поголеми можности за влез во ЕУ ќе имаат државите кои сами ќе се обидат да ги средат односите со соседите.