Египетските сили со солзавец против исламистичките демонстранти

Подржувачи на Морси.

Египетските безбедносни сили употребија солзавец да ги растераат исламистичките демонстранти во Каиро кои бараат враќање на соборениот претседател Мохамед Морси. Судирите на Мостот 6 Октомври во Каиро се првите големи судири во главниот град на Египет оваа недела.

Заменик државниот секретар на САД Вилијам Барнс вчера го посети Египет. Тој е прв висок американски претставник што дојде во Египет по соборувањето на Морси на 3 јули. Барнс ги повика силно поделените фракции во земјата на дијалог и прекин на насилствата и ги повика властите да престанат со политички мотивираните злосторства. Барнс се сретна со претставници на војската и на привремената влада. Сепак, исламистичките фракции, вклучувајќи го и Муслиманското братство, како и реформистичките противници на Морси, одбија да се сретнат со него. Вашингтон одби да го оцени соборувањето на Морси како „државен удар“.