ДУИ: Не е време за избори, време е да се реши спорот за името

Сега не е време за избори, време е да се реши спорот за името. Ова го изјави портпаролот на ДУИ Бујар Османи во интервју за дневниот весник „Утрински“. Тој смета дека евентуалниот изборен процес ќе ги дефокусира од ангажманот за името, а сега е моментот за негово решавање и тоа треба да биде приоритет. Османи додава дека другата причина зошто се против избори е што не очекува промена во изборните резултати и нема потреба да има предвремени избори ниту во 2014. ДУИ нема мнозинство во парламентот за да спречи ваква одлука, но ако ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ изгласаат предвремени избори, ДУИ нема да поддржи таква одлука. На новинарското прашање дали ставот на претседателот Ѓорѓе Иванов „Република Македонија ерга омнес“ води кон компромис Османи одговори дека со оглед дека следната година ќе се одржат претседателски избори може да се каже дека неговите ставови може да се под влијание на изборите.