ВМРО-ДПМНЕ ќе иницира смена на Јовановиќ

ВМРО-ДПМНЕ изразува сериозно несогласување со одлуката Миодраг Јовановиќ да биде поставен за в.д. Раководител на Пошта Куманово и најави дека ќе покрене иницијатива за негова смена од раководната позиција. Ова е дел од соопштението на владејачката партија како реакција на денешната прес конференцијата на портпаролот на СДСМ Петре Шилегов на која обвини дека ВМРО ДПМНЕ има двојни аршини за правда со оглед на тоа што Јовановиќ е назначен за директор на поштата во Куманово иако против него се води судски спор поради тоа што е обвинет дека со службен автомобил го прегазил триесетгодишниот Срѓан Лазаревиќ. „Иако станува збор за позиција која ја извршувал пред да стане градоначалник, лицето Миодраг Јовановиќ во овој момент, според сите етички норми, не треба да ја извршува истата функција“, се вели во реакцијата.