Средба Обама и Самарас - „името“ можна тема

Американскиот претседател Барак Обама на 8 август ќе го прими грчкиот премиер Андонис Самарас. Според Белата куќа, двајцата функционери ќе разговараат за соработката во одбраната, партнерството за трансатлантска трговија и инвестиции, регионалната соработка, заедничките напори во борбата против тероризмот, можностите за решавање на кипарското прашање, и за развојот на настаните во Северна Африка, и Сирија.
Како што јавува МИА, на средбата ќе станело збор и за грчко-македонските преговори за името. Весникот „Катимерини“ во текстот за средбата Самарас - Обама пишува дека „Вашингтон е подготвен да се активира за решавање на кипарскиот проблем и прашањето за името“ на Македонија, додека Атина „и покрај своите објективни тешкотии предизвикани од економската ситуација, е подготвена да игра улога на Блискиот исток користејќи го новиот однос со Израел и нејзините традиционални врски со арапскиот свет“.