Се очекува конечна меѓупресуда за Радован Караџиќ

Жалбениот совет на Хашкиот трибунал ќе изрече конечна меѓупресуда за поранешниот лидер на босанските Срби Радован Караџиќ по една точка од обвинението, која се однесува на геноцид во повеќе општини во Босна и Херцеговина, не вклучувајќи ја Сребреница, јави Танјуг. „Меѓупресудата е во согласност со правилото 98 од правилникот на Трибуналот, кое вели дека Советот може да го ослободи обвинетиот од повеќе точки од обвинението, ако заклучи дека нема основи за осуда“ рече портпаролката на Хашкиот трибунал Магдалена Спалинска. На Караџиќ му се суди за геноцид во Сребреница, за прогон на муслимани и Хрвати ширум БиХ, тероризирање на населението во Сараево со кампања на артилериски и снајперски напади и земање за заложници припадници на мировните сили на ОН во периодот од 1992-95 година.