Турција и ЕУ се блиску до визна либерализација

Turkey -- Minister for EU affairs, Egemon Bagis,

Турција и ЕУ се веројатно на прагот на решавање на прашањето за визите, што може да им овозможи на турските граѓани слободно патување во земјите од Унијата во замена за реадмисија на имигрантите, пишува денеска весникот „Хуриет дејли њуз“. Весникот наведува дека еврокомесарот за проширување Штефан Филе вчера на својата страница на „Твитер“ објавил дека „се надева наскоро да допатува во Турција и да започне дијалог по прашањето за визите и за потпишување договор за реадмисија“. Брисел и Анкара водат преговори околу договорот за реадмисија повеќе од две години. ЕУ е всушност подготвена со условите за договорот од почетокот на 2011 година, но Турција се воздржува од негово потпишување, бидејќи тоа ќе создаде дополнителен товар за неа поради прифаќањето на илјадниците нелегални имигранти, кои веќе заминале низ Европа влегувајќи од турска територија.