Авион се урна при слетување во Сан Франциско

Патнички авион марка “Боинг 777” со околу 300 патници се урна во обид за слетување на меѓународниот аеродром во Сан Франциско. Нема информации за бројот на повредени патници. Се шпекулира дека двајца загинале а неколкумина патници се повредени. Очевидци велат дека патниците избегале од леталото скокајки на гумените рампи за евакуација. Од телевизиските снимки и се гледа дека горниот дел од патничкиот авион е изгорен а опашката на леталото е откината. Корејската компанија “Азијана Ерлајнс” потврди дека во леталото имало 291 патник и 16 членови на екипажот кои патувале од Сеул до Сан Франциско. На социјалната мрежа “Твитер” се појави фотографија на која наводно се прикажани патниците кои бегаат од авионот а не изностануваат ни аматерски видеа од инцидентот.

Најголемо летало во класата

Авионот од класата 777 прв пат беше пуштен во употреба за превоз на патници во 1995 година а првиот комерцијален лет го организираше тогашниот американски авиопревозник “Јунајтед Ерлајнс”. Станува збор за најголемиот авион со погон на два мотори, со капацитет за превоз до 451 лице. Според техничките спецификации на леталото, ова е првиот авион на американскиот производител "Боинг" со комплетна компјутеризација на речиси сите системи.

На својата интернет страна, "Боинг" изразува загриженост за патниците и нуди техничка помош во истрагата за инцидентот.