Заев - Бренгелман: Решение за името и Македонија во НАТО

Делегација на СДСМ, предводена од претседателот на партијата, Зоран Заев, денеска оствари средба со делегацијата на НАТО, предводена од помошникот на генералниот секретар на Алијансата за политички прашања и безбедносна политика Дирк Бренгелман.
На средбата, било разговарано за актуелната политичка состојба во Македонија, како и за повеќе теми поврзани со потребните реформи за напредок на земјата во однос на евро-атланските интеграции.
СДСМ денеска соопшти дека Заев го запознал помошникот на генералниот секретар на НАТО за аспектите околу формирањето и работата на Комисијата за настаните од 24-ти декември и ги изнел неговите очекувања за ефикасност и резултат од нејзината работа.
Бренгелман покажал заинтересираност околу состојбите во судството, демократијата и слободата на медиумите во Македонија. Тој го пренел ставот дека Алијансата останува посветена во своите очекувања дека ќе се изнајде решение за спорот со Грција за Македонија што поскоро да стане членка на НАТО.
Заев потврдил дека СДСМ останува конструктивна поради значењето на ова прашање кое го тангира националниот интерес на Република Македонија.
- Заев забележа дека владата воопшто не ја информира опозицијата што се случува во процесот, ниту пак за стратегијата на државниот врв околу спорот, и изрази надеж дека во иднина ваквото однесување на власта ќе се промени, стои во соопштението од СДСМ.