Египетската армија ги притвори лидерите на Муслиманското братство

Протести на приврзаници на Муслиманското братство во Каиро.

Еден египетски војник е убиен, а двајца се ранети во напад извршен од страна на осомничени исламистички милитанти на Синајскиот Полуостров утринава. Во близина на градот Рафа на границата со Појасот Газа се случија уште неколку напади врз египетските безбедносни сили. Сè уште не се знае дали нападите се реакција на тоа што армијата го собори исламистичкиот претседател Мохамед Морси.

Египетската армија претходно вети дека ќе го гарантира правото на протест, но предупреди против активности што може да ја загрозат националната безбедност. Соопштението беше објавено на Фејсбук во пресрет на за денеска планираните исламистички протести против соборувањето на Морси. Пред објавувањето на соопштението, армијата ги притвори лидерите на Муслиманското братство, кое го осуди воениот удар за соборување на првиот демократски избран претседател на Египет. Во соопштението од армијата се наведува дека војската нема да преземе какви било „исклучиви и автократски мерки против која било политичка организација“.

САД, кои обезбедуваат помош за египетската армија, повикаа на „брзо и одговорно“ враќање на демократски избраната цивилна влада и ги повикаа властите да не вршат „арбитрарни“ апсења.